Данев: Нема простор за еуфорија, сакаме успех и со Црна Гора

Македонската репрезентација до 21 година е во ек на подготовките за новиот квалификациски предизвик, наречен гостински дуел против Црна Гора. По стартните порази од Полска и Италија, Македонија во Битола, ја победи Ерменија со 2-1 и ги освои првите бодови во овој квалификациски циклус.

Тоа секако дека е добар знак со оглед на лошиот старт на квалификациите, но ништо не е загубено има уште многу бодови на располагање кои треба да се освојат. Следниот предизвик го најави Димитар Данев од тимот на Вардар.

„Триумфот против Ерменија пред домашната публика ни даде „ветар во грб“ што се вели. Победата е во вистински момент, на најдобар начин пред наша публика. Атмосферата сега ни е на највисоко ниво. Нема потреба од еуфорија во нашиот табор, туку сосема спротивно. Концентрирано и одговорно одиме во Црна Гора да одиграме уште еден дуел и да освоиме нови бодови.

Што се однесува до противникот, се работи за добар состав, кој како и секој друг ривал има позитивни но и негативни страни. Наше е да ги поправиме техничките грешки во нашата игра, да го подигнеме нивото на уште едно скалило и нормално да ги освоиме бодовите кои ќе ни дадат уште поголем стимул и подобра позиција во овие квалификации“, изјави Димитар Данев.

Македонија има една победа во квалификациите за ЕП У21 над Ерменија, како и два порази од Полска и Италија.