Данди го претстави Трапановски: „Ова е огромна можност за мене“

Данди Јунајтед го потврди она што Gol.mk го најави и го претстави Кристијан Трапановски за нов член на тимот. Македонскиот напаѓач со шкотскиот клуб потпиша договор на две сезони, со можност истиот да биде продолжен на уште дванаесет месеци.

„Се чувствувам многу среќен, ова е огромна можност за мене. Денес тренирав за првпат со тимот, соиграчите и персоналот беа фантастични со мене. Фудбалот е за навивачите и мислам дека ќе уживам во поддршката во Шкотска. Слушнав многу одлични работи за навивачите на Данди Јунајтед и едвај го чекам првото Данди дерби“, рече македонскиот ас.

Трапановски, чиј договор со Шкупи заврши на крајот од сезоната 2023/24 е избраниот на менаџерот на Данди Јунајтед, Џим Гудвин. 24-годишниот Трапановски надвор од нашите граници играше во Чешка и Словачка, а во ПМФЛ го носеше дресот на Академија Пандев и Шкупи. Во сезоната која штотуку заврши Трапановски одигра 23 натпревари и запиша шест гола и шест асистенции.

Данди Јунајтед еднаш беше шампион на Шкотска, двапати го освои Купот на Шкотска, а играше и финале на Купот на УЕФА во сезоната 1986/87. Во минатото во Шкотска настапувале и Христов и Станиќ, а во моментов покрај Миовски, таму игра и Давор Здравковски во Мадервел.