• Иван Димовски
Барселона продолжува да доминира во европскиот женски фудбал, откако во финалето на Лигата на шампионите убедливо го декласира Лион со 4-0 и ја освои четвртата европска титула во последните шест сезони.
Иако по првото полувреме немаше голови, каталонскиот тим во продолжението целосно ја презеде контролата. Ева Пајор го отвори резултатот во 55. минута по асистенција од Патри Гихаро, а полската напаѓачка подоцна уште еднаш ја затресе мрежата за 2-0.
Во финишот Барселона само ја потврди доминацијата. Салма Параљуело постигна два гола, еден во 90. минута и уште еден во судиското продолжение, за конечни 4-0.
Пајор финалето го заврши со два гола и една асистенција, а сезоната во Лигата на шампионите ја заврши како најдобар стрелец со 11 погодоци.

