Далиќ: Полесно ни е да играме на Мундијалите oтколку на Европските првенства

Селекторот на хрватската репрезентација, Златко Далиќ, не го криеше задоволството по пласманот на „коцкестите“ на Европското првенство, но исто така рече дека мисијата не била воопшто лесна. 

Далиќ е свесен дека неговиот тим минал низ тежок период, но е среќен што Хрватите избориле пласман и очекува масовна поддршка од навивачите следното лето на турнирот во Германија. 

„Исцрпени сме, но освоивме шест бода и успеавме да ја оствариме целта. Се пласиравме на Европското првенство, а таму очекувам огромна поддршка од нашите фанови. Покажавме карактер во моментите кога многу играчи не се во добра форма. Мислам дека публиката тоа го препозна и затоа сите сплотени мора да отпатуваме во Германија. Не знам во кој шешир сме и немам никакви посебни желби.

Секое Европско првенство е многу тешкко и затоа не се оптоварувам со нашите противници. Првата цел секогаш е да ја минеме групата, а потоа ќе видиме што ќе се случи. Мораме да бидеме на највисоко ниво ако сакаме да го повториме успехот од Русија и Катар. Ќе биде многу тешко, нам полесно ни е да играме Светски отколку Европски првенства, но ќе се бориме до крај“, изјави Далиќ. 

Хрватската репрезентација е единствена од поранешните ју-простори која од осамостојувањето досега, пропушти само еден континентален собир. Последниве години „коцкестите“ бележа неверојатни успеси на Мундијалите во Русија и Катар, каде се закитија со сребрениот и бронзениот медал, па навивачите сигурно ќе очекуваат одличен пласман и на Европското првенство во Германија.