Далиќ му одговори на селекторот на Канада за непристојната изјава

Светскиот вицепрвак Хрватска со реми го отвори Мундијалот во Катар, па шансата за бодови ќе ја бара против Канада во второто коло. Овој ривал од Северна Америка беше одличен, но загуби од Белгија на отворањето, па двете селекции со високи амбиции одат во второто коло. 

По натпреварот, селекторот на Канаѓаните, Џон Хердман, имаше непримерен коментар и употреби вулгарна фраза „да ги е** Хрватите“. На тоа се осврна и селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, кој со џентлменски коментар го проследи потегот на Хердман.

„Мора да бидеме внимателни, нема лесен ривал во групата. Целта ни е да играме подобро од натпреварот со Мароко. Канада требаше да победи, беше подобра и загубија поради една грешка. Нè очекува опасен ривал. 

Видов што изјави Џон Хердман. Секој од нас има свој начин на комуникација, а тој се изрази како што се изрази. Не знам дали тоа беше убаво, ние мора да покажеме на теренот дека сме подобри. Ќе го искористам тој момент за дополнително да го мотивирам тимот“, кажа Далиќ.

Хрватска и Канада ќе се судрат в недела во терминот од 17:00 часот.