• Мартин Танасковски
Премиерлигашот Њукасл Јунајтед направи сериозен чекор во обидот да го засили својот напаѓачки ред, испраќајќи значајна понуда до германскиот РБ Лајпциг за словенечкиот репрезентативец Бенјамин Шешко.
Според информации од британските медиуми, англискиот клуб понудил вкупно 80 милиони евра – 75 милиони во фиксна сума, дополнети со уште пет милиони евра преку бонуси што можат да се активираат под одредени услови.
Ако трансферот биде реализиран, ова би претставувало највисока сума платена за еден играч во историјата на клубот од„ Сент Џејмс Парк“. Досегашниот рекорд го држеше шведскиот напаѓач Александар Исак, кој во 2022 година пристигна од Реал Сосиедад за 70 милиони евра.
Шешко, кој важи за еден од најперспективните напаѓачи во Европа, во последните сезони покажа зрелост и голгетерски инстинкт, привлекувајќи внимание од неколку врвни европски клубови. Одговорот на РБ Лајпциг сè уште не е објавен, но очекувањата се дека германскиот клуб внимателно ќе ја разгледа понудата.

