Дали може Македонија да не биде прва во ЛН? Да, само со фудбалско чудо!

Македонија е лидер во рамки на сегментот Ц во Лигата на нациите и е пред потврда на првото место. Избраниците на Благоја Милевски имаат 99% осигурано лидерска позиција која носи Лига Б во следното издание, но секогаш постои оној процент работите да бидат поинакви.

Ако се земе предвид дека следат два домашни меча, пласманот на Македонија на првото место не треба да биде доведен под знак прашалник. Но, постои онаа математика која секогаш стои во заднина, „што и како“, нешто што барем нам ни е познато кога е спортот во прашање, затоа што скоро секогаш да броиме гол-разлики кога сме дел од големите настани.

Како Македонија може да не биде прва во Лигата на нациите? Епа вака... во следното коло Македонија ќе биде домаќин на Летонија, а Летонците треба да победат со четири или повеќе голови на теренот во Скопје за да имаат подобар меѓусебен скор со избраниците на Милевски. Потоа, во последното коло Македонија е домаќин на Фарски Острови и треба да го загуби овој дуел, а Летонците пак да победат, овој пат со Ерменците, со било каква разлика.

Така вели математиката, барем кога се говори за првото место на табелата во Групата 4 од Ц Сегментот во Лигата на нациите. Последните два меча во ЛН се играат во месец ноември, двата домашни дуели ќе бидат на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.