Дали крајот вака мириса: Реал Мадрид не му ги исполни желбите на Винициус!

Иднината на Винициус Жуниор во Реал Мадрид е понеизвесна од кога било, откако неколкучасовниот состанок меѓу бразилскиот ас, неговите агенти и челниците на „кралскиот клуб“ не донесе договор за продолжување на соработката.

Преговорите меѓу двете страни траат речиси една година. Винициус од самиот почеток бара годишна плата од 30 милиони евра и целосни права на сопствениот имиџ. Реал претходно му понуди 22 милиони евра годишно и 50 проценти од правата за имиџ, а на последната средба ја подобрил понудата на 23 милиони евра годишно, задржувајќи ги истите услови за маркетиншките права. Покрај тоа, клубот не е подготвен да исплати ниту бонус за потпис, што исто така било едно од барањата на Бразилецот.

Според шпанските медиуми, раководството на Реал му испратило јасна порака на Винициус дека понудата е конечна и дека мора да донесе одлука дали ќе остане во Мадрид или ќе ја продолжи кариерата на друго место. Во меѓувреме, Арсенал внимателно ја следи ситуацијата. Според информациите, лондонскиот клуб му нуди годишна плата од 25 милиони евра, како и 100 проценти од правата на неговиот имиџ, услови што се значително подобри од оние на Реал.

Наводно, во Арсенал расте оптимизмот дека трансферот може да се реализира уште ова лето, а спортскиот директор Андреа Берта е убеден дека Бразилецот би можел да се пресели на „Емирати“. Конечната одлука сега е во рацете на Винициус. Реал Мадрид ја достави својата последна понуда, Арсенал е подготвен да понуди подобри финансиски услови, а бразилската ѕвезда треба да одлучи дали ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“ или ќе започне ново поглавје во Премиер лигата.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.