• Мартин Танасковски
Интер Мајами покажува сериозен интерес за фудбалерот за врска на Манчестер Јунајтед, Каземиро. Англискиот клуб и Бразилецот, кој следната недела ќе наполни 34 години, веќе објавија дека по крајот на сезоната ќе се разделат.
Според британските медиуми, тимот од Флорида, за кој настапува Лионел Меси, сериозно ја разгледува можноста да го ангажира искусниот играч од средниот ред по завршувањето на Светското првенство. Желбата на Дејвид Бекам, еден од сопствениците на клубот, е Каземиро да биде замена за Серхио Бускетс, кој на крајот од минатата година стави крај на кариерата.
Доколку трансферот се реализира и поранешниот ас на Реал Мадрид заигра во ист тим со поранешната ѕвезда на Барселона, Каземиро ќе стане 28. фудбалер во историјата што играл во ист клуб и со Кристијано Роналдо и со Меси.
Досега, фудбалерите кои биле соиграчи и со Меси и со Роналдо се Анхел Ди Марија, Серхио Рамос, Жерар Пике, Гонзало Игуаин, Пауло Дибала, Карлос Тевес, Кејлор Навас, Деко, Ашраф Хакими, Алехандро Гарначо, Лисандро Мартинес, Витиња, Нуно Мендеш, Данило Переира, Габриел Хајнце, Миралем Пјаниќ, Артур Мело, Андре Гомеш, Нелсон Семедо, Франсиско Тринкао, Ренато Санчес, Пабло Сарабија, Хенрик Ларсон, Мартин Касерес, Езекел Гарај, Фернандо Гаго и Гонзало Мартинес.
Интерес за Бразилецот покажуваат и Порто, Сао Паоло, како и клубови од Саудиска Арабија. Не е исклучено тој повторно да се обедини со Роналдо во Ал-Наср.



