• Мартин Танасковски
Хартс беше на само неколку минути од историска титула во Премиер лигата на Шкотска, но Селтик со пресврт и победа од 3-1 ги урна сите соништа на тимот од Единбург. Со триумфот на „Селтик Парк“, „Келтите“ стигнаа до петта титула по ред и рекордна 56-та шампионска круна во својата историја.
Хартс во последното коло пристигна во Селтик Парк со бод предност на табелата и знаеше дека сè освен пораз ќе му ја донесе првата титула уште од 1960 година. Гостите долго време имаа резултат што значеше шампионска титула, но драмата кулминираше во 88. минута кога Дајзен Маеда погоди за 2-1 по асистенцијата на Калум Османд.
Погодокот првично беше поништен поради офсајд, откако помошниот судија процени дека напаѓачот на Селтик бил во недозволена позиција. Сепак, по ВАР-проверката беше утврдено дека голот е регуларен затоа што играчот не влијаел на акцијата од претходно, по што следуваше огромно славје на трибините и на теренот.


