• Саше Љолес
Премиерлигашот Челзи во новата сезона влегува со многу поинаква атмосфера. По турбулентниот период со чести промени и незабележителни резултати, лондонскиот клуб направи сериозни потези и му ја довери екипата на Шпанецот Чаби Алонсо.
Овојпат на „Стемфорд Бриџ“ не пристигнаа само млади фудбалери со потенцијал за иднината, туку и играчи од кои веднаш се очекува придонес. Максенс Лакроа треба да донесе стабилност во одбраната, додека враќањето на Леви Колвил по повредата е уште една добра вест за Алонсо.
Интересни се и ангажманите на Дени Велбек и Џордан Хендерсон. Иако Челзи во последните години претежно се ориентираше кон млади играчи, сега во тимот има и искусни фудбалери кои можат да помогнат со лидерство и знаење. Велбек сè уште може да биде корисен во нападот, додека Хендерсон носи големо искуство од највисоко ниво. Тука е секако и Морган Роџерс, кој пристигна во рекорден трансфер, а во ростерот е и Италијанецот Марко Палестра.
Составот би можел дополнително да биде засилен доколку Челзи успее да го доведе Мартин Зубименди, кој би донел уште поголема контрола во средниот ред.
Голем адут за „сините“ е и фактот што оваа сезона нема да играат во европските натпреварувања. Тоа значи помалку патувања, повеќе време за тренинг и поголема можност играчите да останат свежи во најважниот дел од сезоната.
Освојувањето на Премиер лигата би било големо изненадување, но Челзи има доволно квалитет за да се вмеша во борбата за највисоките позиции. Ако Алонсо успее брзо да го вклопи составот и да ја поправи одбраната, „сините“ би можеле да бидат едно од најсериозните изненадувања во англискиот фудбал оваа сезона.





