• Горан Упале
Младиот македонски стратег Христијан Цветковски продолжува да „жнее“ трофеи со Хакен. По историскиот успех и премиерниот трофеј во шведскиот шампионат, „жолто-црните“ ја продолжија прекрасната приказна со уште една титула и на доминантен начин по третпат во историјата го освои Купот на Шведска.
Цветковски по големите успеси со младинските категории веќе втора сезона работи во првиот тим на Хакен, каде моментално е асистент и е задолжен за индивидуалниот развој на играчите. Младиот македонски тренер десет години е дел од тренерскиот тим на Хакен и има важна улога во целиот процес на развивање на клубот. Трофејот во Купот е негов петти по ред, откако во претходните четири сезони освојуваше титули во младинските категории.
„Мојата работа во клубот започна во 2012 со У15 тимот, во времето на моите почетоци во клубот се сменија нови структури, млади прогресивни сили го презедоа раководењето, со многу амбиции. Тука се пронајдов и јас во проектот кој моментално сè уште е во тек на имплементација, Тој момент заедно со добрите резултати и титулите сто ги освојував со секоја генерација во континуитет беа препорака да од У15, преку У16,У17 ,У19 еве сега да бида дел од првата екипа каде што исписуваме историја.
Минатата година бев помошник тренер во првата екипа со тоа што исто така и бев главен тренер на У19, но со почетокот на новата сезона добив понуда од клубот да бидам одговорен за индивидуалниот развој на играчите во првата екипа и мислам дека направив правилен избор“, вели Цветковски.
Неговиот специфичен и модерен метод на работа, кој очигледно носи многу успеси, беше забележан од страна на Фудбалската федерација и пред извесен период Цветковски беше назначен за тренер на У16/У17 селекцијата на Шведска.
„За мене беше голема потврда, чест, а и изнеадување кога добив повик од Шведската фудбалска федерација да бидам тренер на У16/У17 во наредниот квалификациски циклус за Европското првенство во Кипар 2024. Моите резултати, а посебно начинот на кој ги остваривме истите со еден посебен пристап, методологија што можеби и на некој начин и претставува новитет, донесоа интерес кај федерацијата и во договор со Хекен пронајдовме модул да можам да одговорам на обврските и заедно со Рогер Франзен како капитен на националните селекции да ја водиме У16/У17 селекцијата во наредниот циклус“, открива македонскиот тренер.
Цветковски вели дека петте трофеи во низа се едно уникатно и клупско и тренерско достигнување во рамките на шведскиот фудбал.
„После првата клупска титула го освивме и Купот, трет во последните шест години на еден фудбалски доминантен начин. За мене лично, а и за сите во клубот е многу важно на каков начин ги остваруваме успесите, титулите сами по себе треба да носат и некое достигнување, естетика, вредности, таа е нашата филозофија како клуб и моја лична. За мене лично ова беше јубилејен петти Куп на Шведска во последните пет сезони од кои после четирите со младинската екипа еве сега пристигна и првиот Куп во сениорската конкуренција што е воедно и едно уникатно и клупско и тренерско достигнување во рамките на шведскиот фудбал“.
Негова примарна цел во тренерската кариера во овој момент е пласман на Шведска на Европското првенство во Кипар, а потоа би се посветил на работата како главен тренер во сениорска конкуренција.
„Што се однесува до моите лични амбиции како прво и најосновно сакам и понатаму да се усовршувам како на персонален план така и на тренерски. Учество на завршницата на У17 Европското првенство во Кипар со Шведска би било круна на мојата работа во младинскиот фудбал за да потоа би си посветил во иднина на работа како главен тренер во сениорска конкуренција“, заврши битолчанецот.
Со својата визија за фудбалската игра Цветковски стана еден од најуспешните тренери во историјата на младинскиот фудбал во Шведска, а покрај големите успеси под негова палка никнаа многу фудбалски таленти кои веќе направија трансфери во гиганти како што се Валенсија, Интер...