Цветановски: Со исто темпо и во следните натпревари до уште повеќе бодови

Македонскиот прволигаш, Брера Струмица, на одличен начин го започна пролетниот дел од сезоната во Првата фудбалска лига и тргна со две важни победи за кревање на самодовербата.

Струмичани прво ја совладаа незгодната екипа на Силекс, а на вториот меч со Македонија ЃП беа уште поубедливи и победија со конечни 3-0. Своето задоволство од овие изданија го изрази левиот бек Матеј Цветановски, кој посакува тимот да продолжи во ист ритам и понатаму. 

„Пресреќен сум што победивме и драго ми е што придонесов со гол и асистенција. Одигравме компактно и изгледавме како тим. Се надевам дека ќе продолжиме во исто темпо и на следните мечеви, а целта е секако да освоиме што повеќе бодови“, вели Цветановски. 

Со сличен став е и српскиот напаѓач Ѓорѓе Ивковиќ, кој вели дека екипата вложила многу труд и заслужено славела над „лавовите“ од Ѓорче Петров. 

„Впечатоците по мечот се одлични. Игравме на победа од првиот момент и вложивме многу труд на теренот. Сето ова е резултат на добрите подготовки, а овие две победи ни беа повеќе од потребни за кревање на самодовербата пред клучните дуели од сезоната. 

Мора вака да продолжиме и полека да се избориме за погорните позиции на табелата. Имаме одличен тим, момчињата покажаа карактер и „изгинаа“ во текот на сите 90 минути. Среќен сум за постигнатиот гол, но сега фокусот е само на следните натпревари. Имаме квалитет и тоа ќе го докажеме во блиска иднина“, изјави Ивковиќ. 

Брера Струмица сега има 26 бода и прогресираше до петтото место во елитната конкуренција, а во следното коло ќе има тешко гостување кај амбициозниот тим на Гостивар