• Мартин Танасковски
Фудбалерот на Жељезничар, Матеј Цветаноски, доживеа сериозна повреда за време на четвртфиналниот натпревар од Куп на Босна и Херцеговина против Слога Добој, кој заврши со минимална победа на гостите од 0-1.
По еден жесток дуел на теренот на стадионот „Грбавица“, македонскиот напаѓач остана да лежи, по што медицинските служби веднаш реагираа. Со возило на Итната медицинска помош тој директно беше пренесен во болница, каде што по деталните прегледи му беше констатирана фрактура на двете коски на потколеницата.
Благодарение на брзата интервенција и стручноста на лекарскиот тим во Општата болница „Прим. д-р Абдулах Накаш“, Цветаноски успешно беше опериран. Хируршкиот зафат го изведоа д-р Харун Џозиќ и д-р Адис Кукуљац, а интервенцијата поминала без компликации.
„Како што ние докторите сакаме да кажеме – пациентот веќе е на нозе! Сè помина во најдобар ред, а нашите лекари уште еднаш покажаа зошто уживаат огромна доверба. Ортопедите специјалисти на нашата болница не се само врвни професионалци, туку и големи луѓе. Горд сум на овој тим“, изјави директорот на болницата, Исмeт Гавранкапетановиќ.
Според првичните прогнози, по соодветна рехабилитација се очекува македонскиот интернационалец повторно да се врати на фудбалските терени, иако периодот на закрепнување ќе бара трпение и внимателен медицински надзор. Паузата која се најави за Цветаноски од БиХ е осум месеци.






