• Саше Љолес
Екипата на Јувентус очигледно е „претплатена“ на нерешени резултати сезонава, а тоа се потврди и со ремито на гостувањето кај градскиот ривал Торино во рамките на 19. коло 1-1 (1-1).
- Извештај од натпреварот:
Натпреварот беше исполнет со снажни физички дуели, груба игра и тензични моменти кои кулминираа со мешаницата крај аут-линијата, по која црвени картони добија тренерите Паоло Ваноли и Тиаго Мота.
Кенан Јилдиз ги доведе „бјанконерите“ во водство уште во осмата минута со прекрасен погодок после серија луцидни дриблинзи, а израмнувањето дојде во последните моменти од првото полувреме преку Хрватот Никола Влашиќ. Вторите 45 минути донесоа посилен налет на Јувентус, гостите имаа седум удари во рамките на голот, но до крајот на мечот не успеаја повторно да го вратат водството.
За Јуве ова е вкупно дванаесетто реми сезонава и сега има 33 бода, додека Торино има единаесет бодови помалку, кои го сместуваат на единаесетта позиција на табелата.