• Мартин Танасковски
Црвена Звезда со елиминацијата од Хапоел Бер Шева во третото квалификациско коло за Лигата на шампионите претрпе и значителен финансиски удар.
Српскиот шампион остана без најмалку 4,29 милиони евра, сума што ја носи пласманот во плејофот за елитното натпреварување. Уште поголема е загубата поради пропуштената можност за настап во групната фаза на Лигата на шампионите, каде што приходите започнуваат од околу 25 милиони евра, а можат да надминат и 30 милиони евра.
Доколку стигнеше до плејофот на Лигата на шампионите и таму беше елиминирана, Црвена Звезда ќе обезбедеше место во Лигата на Европа со почетен приход од околу 15 милиони евра. Сега, за да стигне до тоа натпреварување, ќе мора да ја елиминира Викторија Плзен.
Во случај да не успее да избори место во Лигата на Европа, белградскиот клуб би завршил во Конференциската лига, каде што почетниот бонус изнесува 3,17 милиони евра, а дополнителните приходи од коефициент и резултати се значително пониски.
Следниот европски предизвик за Црвена Звезда ќе биде двомечот против чешка Викторија Плзен, кој ќе одлучи дали клубот ќе продолжи во Лигата на Европа или ќе се пресели во Конференциската лига.





