ВИДЕО: Црвена Звезда победи кај Гент, Адеми асистент во триумфот на Динамо во ЛЕ

Црвена Звезда успеа и втор пат да го победи Гент, овојпат во Белгија со 0-2 и се најде близу до европска пролет во Лигата на Европа. Српскиот тим со по еден гол во двете полувремиња втор пат во низа го доби белгијскиот ривал, за седма последоветелна победа во сите конкуренции. 

  • Гент - Црвена Звезда 0-2:

Само 54 секунди и беа потребни на Звезда да го отвори резултатот на „Геламко Арена“, откако Бен изведе краток до Његош Петровиќ, кој со ефектен гол донесе предност (0-1). Србите беа во подредена улога, Гент ја контролираше играта и диктираше темпо, ама не успеваше да стигне до гол. Казната на спротивната страна стигна преку Никола Милуновиќ, одново по корнер. Бен прецизно нафрли, а стоперот со глава ги постави конечните 0-2. Во групата Л се одигра уште еден дуел, во кој лидерот Хофенхајм победи со 0-2 кај Слован Либерец

Динамо Загреб на Аријан Адеми го доби гостувањето кај Волфсбергер (0-3), за одржување на првата позиција во групата К. Иако хрватскиот тим е скромен и има постигнато само четири гола (сите против Австријците), сè уште нема пораз и лесно може да заврши во нокаут рундата. Дуелот во Клагенфурт не понуди голови во првиот дел, а Динамо поведе по еден час игра преку Мајер. Вториот гол беше дело на Бруно Петковиќ, откако Адеми одлично ја проби одбраната и му асистира на напаѓачот пред празна мрежа. Самиот финиш понуди уште еден гол, овојпат на Иванушец за конечните 0-3. Во истата група без голови (0-0) одиграа ЦСКА Москва и Феенорд

Екипата на Лил одново успеа да го запре „залетаниот“ Милан и дома одигра реми (1-1), со што остана на првото место во групата Х. Иако „росонерите“ имаа контрола врз играта и поседот на топката, Французите беа поконкретни и имаа повеќе шанси. На првиот гол се чекаше до првата минута од второто полувреме. Анте Ребиќ доби прецизна долга топка и од зицер позиција реши да не ризикува и го проигра Саму Кастиљехо кој погоди (0-1). Во продолжението Лил успеа да се врати и израмни со голот на Џонатан Бамба, кој на асистенција од Дејвид, ги постави конечните 1-1. 

  • Лил - Милан 1-1:

За работите да бидат интересни во последните две кола се погрижи Спарта Прага, која дома го доби Селтик (4-1). Чесите го елиминираа шкотскиот тим и стигнаа до бод негатива зад Милан и два помалку од Лил со головите на Ханцко, Плавшиќ и два на Јулис, а Селтик поведе преку Едуард.

Нова сигурна победа во Лигата на Европа запиша Арсенал, кај второпласираниот Молде со 0-3 (0-0). Норвежаните парираа против „шарениот“ тим на „топџиите“ во првиот дел, ама не издржаа до крајот. Николас Пепе и Нелсон Реис за пет минути погодија двапати, а во финишот меѓу стрелците се запиша и Балогун (0-3). 

  • Молде - Арсенал 0-3:

Англиски Лестер не успеа да победи кај Брага и запиша реми во Португалија (3-3). Брендан Роџерс ризикуваше со комбиниран состав, а тоа го искористи противникот. Брага поведе преку Елмусрати, а Барнс израмни. Паулињо донесе нова позитива во првиот дел, која важеше до самиот крај. Лук Томас одново израмни (2-2), Франсержо донесе нова предност на Брага, ама Варди во 95. минута освои бод за Лестер.

Кикс запиша и Виљареал, кој иако важеше за голем фаворит на гости кај Макаби Тел Авив, мораше да се задоволи со реми и резултат од 1-1.