Црвена Звезда го „врза“ мега-талентот Костов до 2028 година

Младиот и талентиран српски фудбалер со македонско потекло, Василије Костов, кој има само 17 години, официјално го продолжи својот договор со Црвена Звезда до 2028 година. Ова е јасна порака од клубот дека смета на неговиот потенцијал и го гледа како дел од иднината на првиот тим.

Костов, кој помина низ сите младински категории на клубот, истакна дека продолжувањето на договорот му е голема чест и мотив да продолжи со посветена работа и напредок на теренот.

„Уживам во довербата што ми ја укажа клубот и стручниот штаб. Овој договор е голем поттик за мене да продолжам да давам максимум на секој натпревар. Се надевам дека ќе успеам да ја оправдам таа доверба со моите настапи. Сè се промени откако се приклучив кон првиот тим. Во почетокот беше малку тешко, но сега веќе сум навикнат на ритамот на сениорскиот фудбал и се обидувам да давам најдобро од себе на секој натпревар. Моментално не размислувам многу за иднината. Приоритет ми е со тимот да ги освоиме двете најважни домашни титули и да стигнеме што подалеку во Лига Европа.“, изјави младиот фудбалер.

Од почетокот на оваа сезона, Костов се наметна како еден од клучните играчи на Црвената Звезда, редовно настапувајќи како стартер. Особено значаен момент во неговата младинска кариера беше голот против Порта во второто коло од Лига Европа, со што стана најмладиот стрелец на Црвена Звезда во европските натпреварувања.