• Мартин Танасковски
Младиот македонски фудбалер Матеј Гаштаров прави нов чекор во својата кариера, откако по есенската дебитантска епизода за првиот тим на Црвена Звезда, следува преселба во редовите на Графичар.
Оваа позајмица во „виолетовиот“ дрес е дел од јасно дефинираниот развоен план на белградскиот клуб, чија цел е младите таленти да се калат во Првата лига на Србија и постепено да се навикнат на ритамот, физичките барања и одговорностите на сениорскиот фудбал.
Графичар важи за развојна база на Црвена Звезда, а дополнителен плус за Гаштаров е фактот што тимот го предводи Марко Неѓиќ, тренер познат по својата работа со млади играчи. Многумина фудбалери кои минале низ неговите раце подоцна добиле сериозна шанса и во првиот тим на „црвено-белите“, што ја прави оваа етапа исклучително значајна за напредокот на младиот Македонец.
Гаштаров е роден во 2006 година и е младински репрезентативец на Македонија, настапува на позицијата играч за врска и важи за фудбалер со одлична техника и чувство за игра.



