• Иван Димовски
Македонската фудбалска репрезентација в четврток од 18:00 часот ќе одигра пријателски натпревар против Летонија. Овој меч доаѓа во време кога нашата селекција е слободна квалификациите за Светското првенство, но мора да одигра вкупно десет натпревари во календарската година.
На овој натпревар нема да се користи ВАР технологијата, а одбрани се судии од Црна Гора за да го водат. Главен арбитар ќе биде Милош Савовиќ, додека линиски се Владислав Раденовиќ и Никола Радуловиќ. Четврти судија е Влатко Илиоски од Македонија.
Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека влезот ќе биде бесплатен. Целта е да се собере што повеќе публика и да се поддржи тимот пред клучниот дуел во квалификациите, а на последниот домашен меч за 2025 година.
По мечот со Летонија, Македонија ќе замине во Кардиф за натпреварот против Велс. Дуелот е закажан за 18 ноември со почеток во 20:45 часот и ќе биде решавачки за добивање на полесен ривал во баражот за Мундијалот.











