• Мартин Танасковски

Македонскиот фудбалер Мите Цикарски почнува нова етапа во кариерата затоа што се пресели во Бугарија каде ќе го носи дресот на Ботев Пловдив. 27-годишниот лев бек во тимот со богата историја доаѓа од редовите на Академија Пандев.
Во интервју за бугарски „Спортал“, Цикарски истакна дека за Ботев има високо мислење, пред да направи трансфер разговарал и со некогашниот стопер на екипата Бобан Грначров, а исто така за изборот добил честитки и од најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев.
„Договорот со Ботев падна многу брзо. Знам дека се работи за тим со голема традиција и одлични навивачи и услови за работа. Бобан Грнчаров, кој порано играше за Ботев, ми го потврди истото. Првите впечатоци се многу добри. Доаѓам од Академија Пандев, а односот со Горан Пандев ми беше многу добар. Постојано бевме во контакт. Кога потпишав за Ботев тој ми прати СМС-порака и ми посака успех. Пандев е голем човек и фудбалер, легенда на македонскиот фудбал и на репрезентацијата. Тој многу направи и понатаму многу прави за македонскиот фудбал“, изјави Цикарски.
За Цикарски ова ќе биде прва авантура во Бугарија. Претходно покрај за Академија Пандев тој на домашно тло играше за Работнички и Вардар, а исто така беше дел и од Газ Метан (Романија), Пас Јанина (Грција), Етникос (Кипар) и Партизан У19 (Србија).
Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.