Цицмиловиќ: Заслужен бараж на Воска, успехот е на играчите

Воска Спорт обезбеди место во баражот за Првата лига. Со ремито против Силекс (1-1) во последното коло охриѓани го одбранија второто место и предноста која ја имаа во однос на Вардар.

По натпреварот во Кратово, тренерот Раде Цицмиловиќ истакна дека е задоволен од постигнатото, а целиот успех го насочи кон играчите кои одиграле одлична сезона и заслужено се радуваат на бараж.

„Честитки до Силекс за враќањето во Првата лига. Ние одигравме еден квалитетен натпревар, можевме да победиме затоа што имавме една статива и промашени зицери, но и Силекс можеше на крајот да не казни, па ремито е реално. Цела година бевме втори и заслужено сме во баражот, па сега, со малку среќа може да дојдеме до историја. Сите заслуги за овие успеси одат на играчите кои одиграа машки. Успехот е нивен. На овие последни дуели многу ни значеше и враќањето на капитенот Изаир Емини кој е вистински лидер во нашата екипа“, изјави Цицмиловиќ.

Ждрепката за баражот во ПМФЛ ќе се одржи следната седмица. Натпреварите ќе се играат на 22 мај, а локацијата дополнително ќе биде утврдена.