Цицмиловиќ: Голем триумф над Вардар, ќе се бориме до крај да сме и први

Раде Цицмиловиќ се врати на терените и со Воска Спорт забележа домашен триумф над Вардар (2-1). Охриѓани така му се одмаздија на ривалот за поразот во Скопје, а овие три бода ги отворија апетитите за понатаму, пред дербито со Силекс.

Тренерот на Воска Спорт им честита на играчите за прикажаното. Вели, ова е нивна победа, а ќе се оди на победа и во следниот дуел против лидерот и желба е да се нападне првото место до крајот на сезоната.

„Одигравме доста добар и квалитетен натпревар против Вардар. Бевме подобри и задоволен сум од нашата фудбалска игра. Радува што се вратив на терените со победа, во изминатите десетина дена бев инфициран со коронавирусот и бев далеку од тимот, но добро е што играчите работеле квалитетно и без мене. Оваа победа е на фудбалерите, честитки за нив, но и за управата која ни ги овозможува сите услови да работиме и да се развиваме квалитетно. Имаме пет бода повеќе во однос на Вардар, втората позиција е во моментов наша, но до крајот на сезоната ќе се бориме дури и за тоа прво место ако ни се даде шанса“, ни изјави Цицмиловиќ.

Воска Спорт е дебитант во ВМФЛ-Запад, а во првата сезона се наметнува како еден од кандидатите за влез во елитата.