Цицмиловиќ: Беласица по повеќе од една деценија е таму кадешто ѝ е местото

Екипата на Беласица официјално е нов прволигаш, по победата над Кожуф (6-0) на стадионот „Младост“ во Струмица. Големо е задоволството кај сите, меѓу нив и тренерот Раде Цицмиловиќ, кој по мечот изрази голема благодарност до сите што се дел од овој проект и истакна дека Беласица конечно е на местото кадешто припаѓа - Првата лига.

„Игравме меч со Кожув, добра екипа која котира високо на табелата и го добивме убедливо. Го дадовме максимумот исто како и на сите натпревари затоа што знаеме што значи да се биде дел од Беласица и кои се целите. Задоволен сум од она што моите играчи го покажаа, како за залаганоста, така и борбеноста и ефикасноста. Би сакал да продолжиме во ист стил, до крај на првенството на мечевите со Борец и Брегалница“, изјави Цицмиловиќ.

Тој го прокоментира и влезот во Првата лига, кој е прв за тимот по една деценија.

„Ова е голем успех за Беласица, по 12 години го вративме тимот кадешто припаѓа - во фудбалската елита. За ова достигнување заслужни се сите во клубот. Почнувајќи од играчите, па претседателот Славчо Васков - Пинда, навивачката група „Ајдуци“, па се до стручниот штаб. Сите што се инволвирани од проектот Беласица може да го слават овој успех, затоа што тој е наш“, заврши тренерот на струмичани.

Од Втората лига - Запад, главен кандидат за директен влез во елитата е Македонија Ѓорче Петров. Тимовите кои ќе испаднат од ПМФЛ засега не може да се прогнозираат, затоа што борбата меѓу Скопје, Пелистер и Победа е голема и ќе трае до самиот финиш.