Чувство или случајност? Мартинез со еден потег направи „хаос“ и ја одведе Белгија во четвртфинале

Фудбалската селекција на Белгија потешко од очекувањето успеа да се пласира во четвртфиналето на Светското првенство (СП) во Русија. „Црвените ѓаволи“ беа на работ на елиминација, откако имаа негатива од 0-2 против Јапонија, но тогаш еден потег на Мартинез го реши победникот на овој меч. 

Некогашниот стратег на Евертон по високата негатива се одлучи да направи двојна замена, но во игра не уфрли напаѓач. Теренот го напуштија индиспонираните Караско и Мертенс, а нивните места ги пополнија Фелаини и Чадли – фудбалери кои изминатата сезона играа многу малку во своите клубови, а и се мачеа со повредите.

Но, токму членовите на ВБА и Манчестер Јунајтед беа клучните фудбалери за пресвртот на Белгијците. Фелаини го постигна голот за 2-2, додека Чадли одлучувачкиот за 3-2, со што Мартинез стана единствениот селектор во историјата на Светските првенства кој успеал да ги погоди двете замени. 

Поточно, кога редот не одеше по планираната насока, Мартинез се одлучи да направи хаос, на кој наседнаа неискусните Јапонци и забележаа болна елиминација. Во четвртфиналето Белгија ќе се судри со големиот Бразил, кој вчера со 2-0 славеше над Мексико.