Чурлинов: Вака треба да играме, ако некој сака да победи во Скопје ќе треба да го испоти задникот!

Со сериозен пристап и професионално исполнување на задачите поставени од селекторот Благоја Милевски, нашата фудбалска репрезентација си ја олесни работата и лесно впиша три бода против Лихтенштајн. Победата од 3-0 донесе потребни минути во нозеѕе на Елмас, Трајковски, Барди, Миовски, кои не минаа нормални подготовки во своите нови клубови, а деби во официјален натпревар имаа и напаѓачот на Тун. Растодер и младиот фудбалер за врска на Шкендија, Решат Рамадани.

По прекрасното скопско попладне задоволството не го криеше еден од стрелците Дарко Чурлинов.

„Она што го договаравме пред мечот, добро го реализираме, го пренесовме на терен и тоа ни го донесе овој убедлив резултат. Во денешниот фудбал не постои релаксирачки и лесен натпревар, никој не може да влезе со 70% од своите можности, особено кога се носи дресот на државата. Тоа треба така да биде и во иднина, ние секогаш ќе даваме 100%, а секоја селекција што ќе гостува во Македонија ќе треба да знае каде доаѓа и ќе треба да си го испоти задникот ако сака да победи во Скопје“, изјави Чурлинов.

Македонија, со исклучок на едно реми, ги доби сите официјални натпревари против Лихтенштајн, а посебно ефикасни се нашите победи на домашен терен во Скопје.