Чурлинов се врати во Шалке: „Никогаш не сум видел толку мотивиран играч“

Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов кариерата ќе ја продолжи во редовите на Шалке 04, каде што ќе настапува како позајмен фудбалер од редовите на Барнли. Во таборот на англискиот премиерлигаш Чурлинов не доби вистинска шанса, имаше и здравствени проблеми, а сега е во потрага по минутажа. 

„Чурлинов е калибар на играч каков што сакавме да ангажираме во зимскиот трансфер период. Никогаш досега не сум видел играч толку мотивиран и подготвен за предизвик како што е тој сега“, вели спортскиот директор на клубот, Марк Вилмотс. 

По потписот, Чурлинов не го криеше задоволството што се врати во редовите на Шалке 04.

„Задоволен сум што се враќам во Шалке. Сакам сега да му оддолжам на клубот за нивната доверба. По можност со голови, асистенции и, пред сè, со победи“, рече Чурлинов. 

Кам-бекот во Шалке 04 може да биде идеален за 23-годишниот крилен фудбалер. Токму во Гелзенкирхен, Чурлинов ги мина можеби најдобрите денови од кариерата. За една сезона во Шалке тогаш одигра 23 натпревари, беше еден од носителите на играта и му помогна на тимот да се врати во Бундеслигата. Сега, Шалке пак е во Цвајте и тоа во лоша позиција да се бори да се одлепи од зоната за опстанок. 

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.