Чурлинов: Сакаме и ние да играме на едно ЕП со Македонија

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година со убедлива победа ги започна квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година. Во Скопје беа совладани Фарски Острови со 7-1, а Дарко Чурлинов по мечот зборуваше за изданието.

Крилото истакна дека настапот на првиот натпревар на ЕП задоволува, но не смее да се брза со заклучоци за квалитетот на овој тим. Вели дека силно се посакува ЕП и дека оваа генерација цели на челните позиции на табелата кои носат на континенталниот собир.

„Екипата даде се од себе, одигравме онака како што се договоривме. Секој што беше на терен во стартниот тим даде се од себе. Се надевам дека ќе продолжиме вака и дека ќе завршиме како први на табелата. Примивме еден несреќен гол на стартот, но за среќа се вративме брзо. Фарските Острови не можеа лесно да се пробијат, се бранеа, но за среќа дадовме брз гол. На крајот мечот заврши онака како што треба да биде. Ние целиме кон првото место, сакаме и ние да играме на едно ЕП“, изјави Чурлинов.

Македонија У21 досега има едно ЕП, што воедно е и единствено за нашите машки национални тимови. Чурлинов на дуелот со Фарски Острови постигна два гола, а забележа и една асистенција.