Чурлинов отворено за своите тетоважи, фудбалските почетоци, кариерата во Штутгарт...

Дарко Чурлинов

Иднината на македонскиот фудбал е светла, ако се погледне развојот на младите таленти во последните неколку години. Енис Барди, Ељиф Елмас и Дарко Чурлинов се одлични примери за сите млади надежи во нашата држава и пример кој треба да го следат во својата кариера.

Последниот од нив е најмлад и настапува во редовите на Штутгарт. Важи за најмлад дебитант во историјата на македонската репрезентација и од него се очекува да стане стандарден првотимец во наредните неколку години.

Во интервју за официјалната страница на бундеслигашот, 19-годишникот објасни кое е значењето на неговите тетоважи, како му беше кога првпат пристигна во Германија и моменталниот престој во Штутгарт.

„Ја направив мојата прва тетоважа пред две години. Ја посветив на мојот брат Борис кој ме воведе во фудбалот. Воинот, пак, е дел од историјата на Македонија. Тетоважите се доказ дека секогаш сум имал тежок пат во животот.

Моите родители беа загрижени за мене кога првпат пристигнав во Германија на 14 години. Кога доаѓате од мала земја во германскиот фудбал, тогаш тоа е единствена прилика која мора да ја искористите. Ми беше тешко, но не сакав да го покажам тоа поради родителите. Веднаш ќе ме натераа да се вратам назад. Но, јас навистина сакав да успеам како фудбалер и издржав.

Сакам да играм повеќе, но имам само 19 години и затоа сум трпелив. Задоволен сум од мојата игра, го постигнав мојот прв гол ја искористив секоја прилика. Ми се допаѓа градот и клубот, сакам да продолжам да напредувам тука“, вели младиот македонски фудбалер.

Чурлинов се запиша во листата на стрелци на дуелот против Динамо Дрезден на крајот од мај оваа година.