• Мартин Танасковски
Тренерот на Кочаелиспор, Селчук Инан, со пофални зборови зборуваше за настапот на Дарко Чурлинов по одличната партија против Ерзурумспор, во која македонскиот репрезентативец беше еден од клучните играчи на теренот.
Чурлинов одигра извонреден натпревар и постигна два погодоци, со што директно придонесе за успехот на својот тим. Неговите настапи покажуваат дека сè подобро се вклопува во турскиот шампионат, а токму тоа го истакна и Инан во својата анализа по натпреварот.
Тренерот нагласи дека адаптацијата во нова лига не е лесен процес за секој фудбалер, но дека Чурлинов поседува квалитети кои го издвојуваат – карактер, борбеност и работна етика.
„Дарко одигра навистина многу важен индивидуален натпревар денеска. Постигна два гола. Не може секој фудбалер брзо да се прилагоди на нашата лига, тоа сум го видел многупати во мојата кариера. Дарко е фудбалер со силен карактер. Дури и кога не нè радува секогаш со голови, тој е можеби играчот што најмногу трча и се бори на теренот на секој натпревар. Верувам дека во вториот дел од сезоната ќе ни даде уште поголем придонес и во реализацијата. Задоволен сум од него“, изјави Инан.
Со ваквите настапи и довербата што ја добива од стручниот штаб, Чурлинов полека, но сигурно, се наметнува како еден од офанзивните адути на Кочаелиспор.

