• Мартин Танасковски
Преговорите меѓу Кочаелиспор и македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов за предвремен раскин на договорот се во завршна фаза, а конечниот договор се очекува да биде постигнат в понеделник. Ова го потврди претставникот на турскиот клуб, Учар, кој истакна дека разговорите се одвиваат во насока што ќе биде во интерес на Кочаелиспор.
„Во тек се преговорите за раскин на договорот со Дарко Чурлинов. Очекуваме сè да биде финализирано в понеделник. Не би сакал да навлегувам во финансиските детали, но можам да кажам дека процесот ќе заврши во корист на нашиот клуб. Постигнавме договор со играчот од кој сакаме да се разделиме, на начин што ќе биде поволен за клубот. Финансиските детали ќе бидат објавени по официјализирањето на договорот и извршувањето на исплатата“, изјави Учар.
Доколку договорот биде потврден, Чурлинов ќе стане слободен играч и ќе може да ја продолжи кариерата во нов клуб уште во текот на летниот преоден рок. Како најсериозна дестинација се споменува Полска.

