Чурлинов: Денес нема големи фаворити, тактички ќе бидеме добро подготвени за Белгија

Дарко Чурлинов беше полн со оптимизам пред натпреварот против Белгија во мундијалските квалификации и рече дека во денешниот фудбал нема големи фаворити. 

Македонскиот репрезентативец изјави дека сите во тимот сакаат да ја претстават државата во одлично светло, најавувајќи голема борба на мечевите со Белгија и Казахстан. 

„Одиграв добра сезона, имав одлична минутажа, но сега фокусот е на репрезентативните настапи. Денес нема големи фаворити, ние ќе мораме да придонесеме максимално на теренот и да ги одработиме задачите од селекторот. 

Нема разлика дали противникот е Белгија или Казахстан, ние секогаш ја претставуваме Македонија на највисоко можно ниво. Правевме анализи, имавме состаноци и се фокусираме најпрво на мечот со Белгијците.

Тактички сме добро потковани, ќе го видите тоа и на самиот натпревар“, дециден е Чурлинов. 

Македонија има четири бода после првите два натпревари во нашата група. Натпреварот против Белгија ќе се одигра на шести јуни, а три дена подоцна гостуваме во Астана кај селекцијата на Казахстан.