• Горан Упале
Екипата на Манчестер Јунајтед во инфаркт-завршница го елиминира Лион и ќе игра во полуфиналето од Лига Европа. Во неверојатен реванш натпревар од четвртфиналната фаза англискиот гигант имаше негатива од 2-4 до 114. минута, но со чудесни три гола направи пресврт и обезбеди пласман меѓу четирите најдобри екипи во второто по ранг натпреварување на УЕФА.
„Ѓаволите“ го одиграа најдоброто прво полувреме на „Олд Трафорд“ под водство на Рубен Аморим, а доколку имаа малку повеќе среќа предноста ќе беше и поголема од два гола. Гарначо, Бруно и Хојлунд беа предводници во офанзивата на домашниот тим, но првиот погодок на натпреварот го постигна „кршачот“ Угарте во десеттата минута.
Во продолжение Јунајтед имаше уште неколку солидни прилики за нов гол, а откако Бруно ја погоди пречката, а потоа промаши и зицер, во самиот финиш од полувремето Далот со прецизна дијагонала го совлада Лукас Пери и го одведе Јунајтед во водство од 2-0.
Стартот на вториот дел донесе неколку возбудувања во серија пред гостинскиот гол, а најголемата шанса ја пропушти Гарначо, кој го промаши невозможното. На спротивната страна, пак, Фонсека со неколку замени успеа да го „разбуди“ својот тим и Толисо во 71. минута го врати Лион во живот (2-1). Само седум минути подоцна одбраната на Манчестер одново беше фатена на спиење и Таљафико израмни на 2-2. Со овој резултат се влезе во дополнителни триесет минути, во кои Лион играше со играч помалку, откако Толисо доби втор жолт картон и во 89. минута се упати во соблекувалната.
Во продолжението домашните фудбалери имаа целосна доминација, но Лион го искористи огромниот простор кој го оставија „ѓаволите“ и Рајан Черки во 105. минута го донесе гостинот за првпат во водство (2-3). Само што започна второто продолжение следуваше нов шок за домаќините и Лаказат од пенал зголеми на 2-4 за Лион. Но, само пет минути подоцна најстрога казна доби и Јунајтед и Бруно намали на 3-4.
- Манчестер Јунајтед - Лион 5-4:
Лудилото на „Театарот на соништата“ продолжи во 120 минута, кога најпрво Мејно со мајсторска реализација израмни на 4-4, а веќе во следниот напад Мегвајер со глава го комплетира можеби најлудиот пресврт во историјата на европските натпреварување и го одведе Манчестер Јунајтед во полуфиналето (5-4).
Во полуфиналето се пласира и Бодо/Глимт кој по пеналите го исфрли Лацио, откако по 90 минути во Рим беше 2-0 за домаќинот, а продолженијата завршија со 3-1. Во пенал-серијата норвешкиот тим беше Бодо славеше со 2-3. Промашувањето на Тати Кастељанос беше кобно за римјаните.
- Лацио - Бодо/Глимт 3-1 (3-4)
Полуфиналните мечеви меѓу Атлетик Билбао и Манчестер Јунајтед и Бодо/Глимт и Тотенхем се играат за две недели.