„Чудо е како Суарез уште може да оди, ризикува да остане инвалид“

Легендарниот Луис Суарез има здравствени проблеми и ситуацијата со неговите нозе се влошува од ден на ден, јавуваат повеќе јужноамерикански медиуми. 

Уругвајскиот напаѓач има блескава кариера зад себе и порано важеше за еден од најдобрите светски фудбалери, но активното играње и големиот физички напор оставија последици врз неговото здравје. Медиумите пишуваат дека Суарез секое утро се буди со огромни болки во нозете и затоа велат дека е неверојатно како тој уште е во состојба да игра фудбал. Доброупатените извори укажуваат на фактот дека тој е многу посветен и сака да продолжи, но во најлошото сценарио ризикува по крајот на кариерата да остане инвалид. 

Неодамна Суарез го напушти бразилски Гремио и ќе потпише со клуб од Соединетите Американски Држави, каде најверојатно ќе се приклучи на екс-колегата Лионел Меси во тимот на Интер Мајами. Се шпекулираше дека напаѓачот се подложува на сериозен третман пред секој натпревар, а и самиот тој во една прилика го потврди сето тоа.

„На денот пред секој натпревар пијам по три апчиња кои ми помагаат за болките во нозете, а пред самиот меч секогаш ми ставаат инјекција. Ако не го правам тоа, нема да бидам во можност да играм. Сакам да продолжам со фудбалот, овој спорт ми даде многу убави нешта во животот. 

Првите чекори секое утро се многу болни за мене. Некои се чудат како воопшто стојам на нозе, но јас не се предавам и ќе играм сѐ додека сум во можност. Синот често ми вели да играме заедно, но јас одбивам зашто знам какви ќе бидат последиците. Можно е за пет години воопшто да не можам да играм фудбал, дури и во пензионерските денови“, рече Суарез. 

36-годишниот Луис Суарез смета дека би можел да игра на високо ниво уште најмалку две години, а потоа би заминал во спортска пензија. Славниот Уругваец имаше неверојатна европска етапа од кариерата и вкупно постигна над 360 голови во сите клубови за кои настапуваше, а вкупно освои дваесет трофеи, меѓу кои и еден во Лигата на шампионите со екипата на Барселона