• Горан Упале
Репрезентацијата на Швајцарија имаше успешен старт на квалификациите за Европскиот шампионат, кој што во 2024 година ќе се одржи во Германија. Осминафиналистот на последниот Мундијал во Катар на неутрален терен во Србија со убедливи 0-5 (0-3) го совлада составот на Белорусија и со три бода ја отвори групата И, во која е и главен фаворит за првото место.
- Белорусија - Швајцарија 0-5:
Поради суспензијата од страна на УЕФА, Белорусија своите домашни натпревари ги игра на неутрален терен, а вечерва Нови Сад не ѝ донесе среќа, бидејќи беше целосно надиграна и заслужено први бодови ќе бара во следните натпревари.
Херој на Швајцарците беше Ренато Штефен, кој со чудесен хет-трик за само 25. минути стави крај на сите надежи на „домаќините“. Во вториот дел Швајцарија продолжи во ист стил и со головите на Џака и Амдоуни стигна до убедлива победа од 0-5.
Значајни три бода освои и селекцијата на Турција, која што како гостин со 1-2 (1-1) славеше над Ерменија. Кабак со автогол донесе домашна радост по само десет минути игра, но Турција експресно возврати и со голот на Кокчу на полувреме замина со егал резултат (1-1). Во вториот дел подобрата игра на гостите, водени од Германецот Штефан Кунц, беше крунисана со уште еден погодок и Керем во 64. минута ги постави конечните 1-2.
Попладнево се одигра уште еден натпревар, на кој Косово се избори за бод на гостувањето кај Израел (1-1).