Човекот што го откри скандалот на Сити: Ми се закануваат со атентат!

Руи Пинто, човекот кој стои зад „Football Leaks“, ќе ја напушти Португалија и ќе се пресели на локација која нема да биде јавно откриена. Одлуката доаѓа откако португалските власти го информирале дека неговата полициска заштита ќе биде прекината на 10 октомври.

Пинто тврди дека во изминатиот период добивал смртни закани и дека поради тоа стравува за сопствената безбедност. Тој од 2020 година се наоѓа во програмата за заштита на сведоци, откако започнал да соработува со португалските институции и им ги предал материјалите до кои дошол преку „Football Leaks“.

„Немам друг избор освен да се преселам на непозната локација на неопределено време“, порача Пинто.

Одлуката за прекин на заштитата уследи во чувствителен момент, само неколку часа откако беше објавена пресудата во случајот поврзан со Манчестер Сити и финансиските правила во Премиер лигата.

Токму Пинто во минатото ги достави документите за работењето на англискиот клуб до германскиот „Дер Шпигел“. Во 2018 година, германскиот магазин објави серија текстови базирани на тие материјали, кои подоцна станаа дел од пошироката приказна околу повеќегодишната истрага на Премиер лигата против Сити.

Пинто смета дека неодамнешната пресуда дополнително ја потврдува автентичноста на информациите што „Football Leaks“ ги објавуваше со години.

Неговиот адвокатски тим, пак, остро реагираше на одлуката за укинување на заштитата, тврдејќи дека таа била донесена без соодветна процедура. Тие предупредуваат дека ризикот за Пинто е особено голем токму сега, кога повторно се актуелизираат документите што тој ги објавувал.

Според неговите адвокати, заканите не се само на ниво на предупредувања. Пинто претходно годинава бил нападнат во Лисабон, а неговиот правен тим тврди дека инцидентот може да биде поврзан со неговите активности во фудбалот. Адвокатите одлуката на португалските власти ја нарекоа дури и „државен тероризам“.

Во меѓувреме, Пинто започна кампања за собирање средства со кои би го финансирал сопственото обезбедување и животот на тајна локација. Целта на кампањата е да се обезбедат три милиони евра.

„Football Leaks“ беше основан од Пинто во 2015 година и во следните години објави милиони доверливи документи од фудбалскиот свет. Материјалите отворија низа прашања за финансиското работење на големи европски клубови, меѓу кои Манчестер Сити и Пари Сен Жермен, како и за начинот на кој УЕФА постапувала во случаи поврзани со финансискиот фер-плеј.