• Горан Упале
Поранешниот претседател на Барселона, Жоан Гашпарт, смета дека Лионел Меси мора да се врати на „Камп Ноу“ и да се прости од клубот во кој ги мина најдобрите години од својата кариера, без оглед на тоа кој ќе биде на чело на каталонскиот гигант.
Аргентинецот ја напушти Барселона во 2021 година, но по разделбата не доби вистинска можност да се збогува со навивачите. Заладените односи со актуелниот претседател Жоан Лапорта дополнително ја комплицираат ситуацијата.
Гашпарт, кој беше претседател кога Меси пристигна во клубот како 13-годишно момче, смета дека личните несогласувања не смеат да бидат пречка за достојно збогување.
„Лео е несомнено најдобриот на светот, фантастичен фудбалер. Но, постои нешто што не смее да го заборави. Барселона е поголема од него како поединец. Ова го кажувам од љубов кон играчот што го доведов кога имаше 13 години“, порача Гашпарт.
Поранешниот прв човек на каталонците беше уште подиректен кога зборуваше за можноста Меси да го условува своето враќање со присуството на Лапорта.
„Кој и да е претседател, Меси мора да дојде и да се прости од Барселона. Ако дојде да му оддадат почит на денот кога Лапорта повеќе нема да биде тука, јас нема да му оддадам почит. Кој мисли дека е за да го условува доаѓањето во Барселона со тоа дали Лапорта е таму или не?“, изјави Гашпарт.
Иако Меси остави неизбришлива трага во историјата на Барселона, неговото заминување во 2021 година останува болна тема за навивачите. Прашањето дали аргентинската легенда ќе добие вистинско збогување на „Камп Ноу“ и понатаму е отворено.








