• Горан Упале
Екипата на Лацио продолжува со одличните игри под водство на новиот тренер Игор Тудор. Хрватскиот стратег за краток период успеа да ја врати самодовербата кај играчите и да ја консолидира играта, а со тоа дојдоа резултатите. „Небесно-сините“ ја запишаа третата победа од доаѓањето на Тудор (имаат еден пораз), откако со минимални 0-1 (0-0) славеа на гостувањето кај Џенова.
- Извештај од натпреварот:
Првиот натпревар од 33. коло на Серија А донесе не така атрактивен фудбал со мал број на шанси на двете страни и само еден гол. На полувреме мрежите мируваа во Џенова, а по паузата фудбалерот кој што најави заминување по крајот на сезоната, Шпанецот Луис Алберто го најде патот до домашната мрежа и ги постави конечните 0-1.
Шпанскиот ас пред една седмица ги шокираше фановите на Лацио истакнувајќи дека не сака да го продолжи престојот на „Олимпико“ и вечерва го постигна својот петти овосезонски погодок во Серија А, а асистент на истиот беше Камада.
Во следното коло Лацио на својот стадион ќе го пречека тимот на Верона, додека Џенова ќе се сретне со Каљари.