Човекот кој не сакаше пријателска со Русија дојде во ЦСКА Москва на коњ!

Поранешниот репрезентативец на Босна и Херцеговина, Миралем Пјаниќ денеска и официјално е претставен како нов играч на рускиот премиерлигаш ЦСКА од Москва.

34-годишниот Пјаниќ беше без клуб неколку месеци откако реши да го напушти Ал Шарја на крајот на минатата сезона кога му истече договорот. Неговото претставување сите ги остави збунети, затоа што Босанецот беше претставен како јава коњ. Од клубот истакнаа дека причината е заради еден од прекарите на клубот - „коњи“.

Се шпекулираше дека искусниот играч од средниот ред може да се врати во Европа, а беше поврзуван со одредени клубови од Италија и Шпанија, но на крајот ништо не излезе од тоа.

Поранешниот играч на Јувентус и Барселона реши кариерата да ја продолжи во Русија, што беше сосема неочекуван потег. Посебно заради неговите коментари пред неколку години кога критикуваше што БиХ сака да игра пријателска со Русија, за која рече дека „не е воопшто добра одлука“.

Миралем Пјаниќ во својата кариера покрај за Ал Шарја настапуваше и за Мец, Лион, Рома, Јувентус, Барселона и Бешикташ.