Човекот кој го откри Еден Азар е нов спортски директор на Хајдук!

Хрватскиот фудбалски великан Хајдук брзо реагираше по отказот на Никола Калиниќ од функцијата спортски директор. Раководството на клубот на неговата функција го назначи Французинот Франсоа Витали.

Овој спортски работник има над дваесет години искуство во фудбалот на различни функции во спортските сегменти на Лил, но и во белгиските клубови Ројал Мускрон и Серкл Бриж. Новиот спортски директор на Хајдук има долгогодишно искуство во скаутинг и развој на млади играчи, како и искуство со работа во развојните системи на големите клубови.

„Во светот на фудбалот тој е познат по тоа што препознава и доведува талентирани млади играчи, од кои секако најпознат е Еден Азар“, пишува во објавата на Хајдук.

Кариерата ја започна во Лил, каде остана до 2017 година и го донесе Азар. Работел како извиднички директор на академијата, потоа станал главен скаут за првиот тим, па проект-менаџер и спортски директор на клубот.

Во тој период Лил играше шест пати во Лигата на шампионите, трипати во Лига Европа и еднаш ги освои Лига 1 и Купот на Франција. Во негово време Лил беше препознатлив по играчите кои излегоа од сопствената академија.