Човекот кој доживеа срцев удар на терен пред 13 месеци се враќа на фудбалот?

Италијанскиот фудбалер Едоардо Бове би можел наскоро да му се врати на фудбалот. Како што пренесува Фабрицио Романо, тој е блиску до трансфер во Вотфорд, член на Чемпионшип, 13 месеци откако колабира на теренот поради срцев удар додека го носеше дресот на Фиорентина.

Инцидентот се случи во декември 2024 година, за време на натпревар од Серија А помеѓу Фиорентина и Интер. На Бове му се слоши, се сруши на тревникот и веднаш беше префрлен во блиската болница Кареџи, каде што беше сместен на интензивна нега.

Подоцна му беше вграден дефибрилатор, уред кој служи за контрола и превенција на опасни срцеви аритмии. Поради строгите медицински прописи во Италија, кои забрануваат настапување со вграден дефибрилатор, Бове не може да ја продолжи кариерата во Серија А.

Слична ситуација имаше и Кристијан Ериксен, кој по драматичниот колапс на Европското првенство го напушти Интер и кариерата ја продолжи во Англија, во дресот на Брентфорд.

По сè изгледа, Бове ќе го следи истиот пат, а трансферот во Вотфорд би можел да означи нов почеток и враќање на фудбалските терени.