„Чкембарите“ незадоволни од ФК Пелистер: Нè терате да го извадиме целиот гнев кој е насобран?

Битолската навивачка група „Чкембари“ јавно го искажа своето незадоволство од резултатите на фудбалскиот клуб во последниот период. Пелистерци и во пролетниот дел од сезоната во ПМФЛ играат под очекувањата, а гневот кај навивачите стана уште поголем по вчерашното празно реми против Силекс во Битола. 

„Чкембарите“ поставија неколку прашања до управата на клубот, а на крај истакнаа дека ова е последното предупредување, пред исклучување. 

„Часовникот почна да одбројува, опамете се или спремете се за ригорозни мерки! Кога е времето за црвен аларм во клубот? На три кола пред крајот? На две? Или на едно?

Најавен беше бомбастичен буџет, а добиваме уште побомбастично разочарување како што се ближи крајот на сезоната. Моменталниот пласман на Пелистер води директно кон второлигашки статус следната сезона.

Кога конечно ќе се побара одговорност и одговори од одговорните?
Жална е сликата на трибините под Тумбе Кафе, а уште пожално е тоа што се случува на теренот. За каков клуб беше планиран овој стадион? За каква управна структура од тотални анонимуси во фудбалот со 0 фудбалско познавање, чест на исклучоци. Зарем претходниот гнев не ве поттикна да не носите тренер кој ќе носи сопствени фудбалери за сопствени интереси???

Дали стратегијата на клубот е повторно иста како лани,  да чекаме некој друг да се откаже од лигата или да се распадне, па ние да спасуваме кожа? Дали вие нас нè терате да го извадиме целиот гнев кој е насобран сите овие години? Последно предупредување пред исклучување“, гласи пораката на битолските навивачи. 

По 21 одиграно коло во ПМФЛ битолскиот тим е на десеттото место, последно кое што води во Втора лига.