• Саше Љолес
Она што беше најавено, полека започнува и да се реализира. Хрватскиот гигант Динамо Загреб ќе направи огромна „чистка“ во своите редови, а новиот тренер, Марио Ковачевиќ, од следната сезона ќе има прилично поинаков и освежен тим.
Од таборот на „модрите“ се очекува да заминат помеѓу 15 и 17 играчи, а меѓу нив се и нашите екс-репрезентативци, Стефан Ристовски и Аријан Адеми. На јунските подготовки ќе го нема и Петар Сучиќ, кој премина во италијанскиот Интер, а меѓу „отпишаните“ се уште Бруно Петковиќ, Мартин Батурина и уште многу играчи за кои повеќе нема место во тимот.
Ристовски веќе најави дека нема да се обврзе на нова соработка, а мали се шансите на подготовките да биде и Адеми, дури и да не го реализира трансферот во Марибор. Се шпекулира дека во таков случај Адеми би добил понуда за клупска функција, затоа што се работи за вистинска легенда на Динамо и неговото присуство е секогаш добредојдено.
Едно е сигурно, Динамо повторно ќе биде меѓу најактивните на трансфер-пазарот, а следната сезона тимот ќе има сосема поинакво „руво“. Навивачите очекуваат солидна и силна екипа која ќе го симне од тронот новиот хрватски шампион, Ријека.
ФОТО: Динамо Загреб