Чилеанскиот голман: Зарем Аргентина се жали? Па, тие два Мундијала освоија со измама

И неколку дена по завршувањето на Копа Америка, не стивнуваат реакциите на двата последни натпревари на Аргентина, црвениот картон на Меси, поплаките на судиите и обвинувањето за корумпирано натпреварување.

Вториот голман на чилеанската репрезентација 38-годишниот Џони Херера жестоко ја нападна Аргентина и првата ѕвезда Меси. 

„Треба да сте безобразни, па да се жалите на судењето. Аргентина немаше да се квалификува на Светското првенство во Русија, а Меси доби четири натпревари казна кога го навредуваше судијата на натпреварот против нас. Но, тие ја намалија казната на еден натпревар и Меси играше против Еквадор и ги победи. Па, Аргентина освои две светски првенства со измама: едно под диктатура, а друго со гол со рака“, рече Херера.

Најдобриот аргентински фудбалер ризикува дури и двегодишна казна од КОНМЕБОЛ заради изјавата дека натпреварувањето е корумпирано. Ако мине така лошо капитенот на „гаучосите“ нема да игра во квалификациите за СП во Катар и на следната Копа Америка во Аргентина и Колумбија во јуни 2020 година.

Во најлош случај, натпреварот против Чиле може да беше и последен во дресот со државниот грб за аргентинскиот генијалец.