• Редакција Gol.mk
Еден натпревар се издвојува од другите во рамките од првото коло на Купот на Македонија. Четвртолигашот Јенимаале од Битола попладнево ќе ја пречека Шкендија и исходот од натпреварот делува извесно. Но, она што одушевува е начинот на кој домаќинот го подготвува овој натпревар.
Јенимаале е клуб на млади луѓе кои го репрезентираат култното маало во Битола. Сите живеаат во овој дел на градот и градат приказна на домашни фудбалери како Атлетик Билбао. Откако го освои Купот на Општинскиот фудбалски сојуз - Битола, Јенимаале очајно посакуваше големо име во ждрепката и среќата му се насмевна. Натпреварот против Шкендија попладнево ќе се игра на стадионот „Петар Милошевски“, а веќе се продаваат и билети за Куп-дуелот. Интересно е што клубот вклучи и ВИП-билети, а за оние кои не можат да дозволат да платат, секако дека влезот е бесплатен.
Јенимаале по многу нешта е посебен клуб. Сите фудбалери и оперативци во клубот се млади луѓе и имаат други професии. Но ги спојува фудбалот и нивното маало. Јенимаале има нови клупски простории, официјална веб-страница, модерни дресови, документарен филм, а секоја сезона ја завршува со клупска забава и избор на најдобрите во шампионатот. Покрај натпреварите од Општинската А лига, Јенимаале низ сезоната организира меѓународни турнеи и досега играше пријателски натпревари со нисколигаши од Србија и Хрватска.
Пред натпреварот предвиден е заеднички ручек на претставниците на Јенимаале и Шкендија, што е уште еден голем потег. Тетовчани се одушевени од пристапот и организацијата, а битолчани ветија силна поддршка за клубот кој ги собра симпатиите на граѓаните на конзулскиот град.