Четврт век од „магијата“ на Митко: Тоа дерби ми ја одбележа кариерата!

Легендата на македонскиот фудбал, Митко Стојковски е легенда и на големата Црвена Звезда. Пред точно 25 години неговите два гола во јубилејното стото дерби меѓу Црвена Звезда и Партизан го одлучија победникот, а него го направија безсмртен. Натпреварот заврши со победа од 2-1 на „црвено-белите“, а  Стојковски, иако тоа не му беше првоцелна задача, постигна еден гол и изнуди пенал за пресврт на екипата на Љупко Петровиќ.

„Овој натпревар ја одбележа мојата кариера. Играв како одбранбен фудбалер, но се покажа дека на тој натпревар Љупко Петровиќ направи одличен потег што ме стави да играм малку понапред. Многу луѓе и ден-денес ме паметат по тој натпревар, без разлика што одиграв повеќе од сто натпревари за Црвена Звезда. Не се памети друго, тоа што го правев во одбраната, се паметат само двата гола на тој натпревар“, вели Стојковски. 

Емоциите од радоста, „тресењето“ на трибините и еуфоријата по натпреварот и денес се свежи во сеќавањето на битолчанецот.

„Го постигнав голот и се затрчав кон северната трибина. Мислев таа ќе се урне од радост. По натпреварот сите „Делии“ го скандираше моето име. Бев прогласен за фудбалер на натпреварот и добив пехар кој и ден денес го чувам во мојот дом“, се сеќава битолчанецот. 

Некогашниот лев бек на Пелистер откри како се договорил да премине во Црвена Звезда и само заради повреда не беше дел од тимот кој стана светски клупски првак во Токио во 1991 година. 

„Преминав во Црвена Звезда веднаш по финалето во Бари. Беше јуни кога потпишав, но трансферот беше договорен порано. Во март знаев дека заминувам на „Маракана“. Се сеќавам дека бев во Белград на подготовките на југословенскиот олимписки тим, а Станислав Караси беше селектор. Тој ми рече после вечерата: „Сине, можеш да излезеш. Еден човек те чека и ќе те врати за еден час". Излегов, Воја Кис ме чекаше, влеговме во автомобилот и заминавме на „Маракана“. Влеговме во тренерската канцеларија, таму беа Љупко и Драган Џајиќ. Нозете ми се отсекоа. Џаја ми рече дека ме следел и дека ќе преминам во Црвена Звезда. Тогаш се знаеше дека екипата од Бари ќе претрпи трансформација. Секако дека прифатив, звездаш сум од мали нозе“, се сеќава Стојковски.

Повеќе од една деценија Стојковски не е директно инволвиран во фудбалот, иако имаше многу понуди да се приклучи кон некој проект. 

„Рано ја завршив кариерата, имав две операции на коленото. Три години бев спортски директор на Пелистер, но во 2008 година решив да се повлечам од фудбалот. Ми недостига фудбалот, го следам редовно, но повеќе не сум дел од него“, раскажува Митко. 

Многу македонски фудбалери се омилени во нашето северно соседство, оставија неизбришливи траги и отворија многу врати за прогрес на македонскиот фудбал надвор од границите.