Четири тима се на три бода, а влогот е ЛШ: Милан киксна со Аталанта! (ВИДЕО)

Аталанта оствари голема победа на гостувањето кај Милан со 3-2 на легендарниот Сан Сиро во дербито од 36. коло на Серија А. Тимот од Бергамо целосно доминираше во поголемиот дел од натпреварот и со заслужени три бода дополнително ја закомпликува борбата на Милан за место во Лига на шампионите.

  • Извештај од натпреварот:

Гостите поведоа уште во 7. минута преку Едерсон, кој одлично се снајде во шеснаесетникот и го совлада Мајк Мањан. Во 29. минута Никола Крстовиќ одлично ја задржа топката и му асистираше на Давиде Запакоста за 2-0.

Победата на Аталанта практично беше потврдена во 52. минута кога Џакомо Распадори зголеми на убедливи 3-0. Милан се разбуди дури во финишот. Страхиња Павловиќ намали на 3-1 во 88. минута, а Кристофер Нкунку од пенал во судиското продолжение донесе неизвесност со погодок за 3-2. Во самиот финиш Никлас Филкруг имаше одлична шанса да му донесе бод на Милан, но неговиот удар со глава заврши крај голот.

По овој пораз, Милан падна на четвртото место на табелата и влезе во сериозна битка за пласман во Лигата на шампионите, додека Аталанта останува во трката за европските позиции. Интересно е на табелата во калчото, каде четири тима, од третата до шестата позиција, се на разлика од три бода, тоа се Јувентус (68), Милан (67), Рома (67) и Комо (65). Од Серија А, четири екипи ќе играат во ЛШ следната сезона.