• Горан Упале
Томас Милер, Матс Хумелс и Јан Зомер од фудбалски ѕвезди станаа – сопственици на клуб! Тројцата поранешни фудбалери на Баерн Минхен, заедно со Лукас Хернандез и меѓународен инвестициски конзорциум, влегоа во сопственичката структура на португалскиот прволигаш Естрела Амадора.
Групата официјално презеде 90% од акциите на професионалниот фудбалски дел на клубот, во трансакција која според информациите на португалските медиуми вреди околу 40 милиони евра.
Зад новата сопственичка структура стојат инвестициските компании ADvantage и LEAD, со поддршка на KI Group, во кој акционери се и четворицата поранешни играчи на Баерн.
Особено интересно е што сите четворица имаат сериозна фудбалска биографија. Милер и Хумелс беа дел од германската репрезентација која го освои Светското првенство во 2014 година, додека Ернандез беше светски шампион со Франција во 2018 година. Зомер, пак, со години беше еден од најдобрите голмани во Бундеслигата.
Нов претседател на професионалниот дел на Естрела Амадора ќе биде Јоханес Мосманг, поранешен долгогодишен член на одделот за менаџмент на играчи во Баерн Минхен. Амбициите на новите сопственици се сериозни. Тие сакаат Естрела да прерасне во стабилен клуб во горниот дел од табелата во Португалија, со посебен акцент на развојот на млади фудбалери.
Естрела Амадора се врати во највисокото португалско првенство во 2023 година, а минатата сезона ја заврши на 15. место. Клубот е формиран во 2020 година, по спојувањето со Синтра, откако оригиналната Естрела Амадора пропадна поради финансиски проблеми во 2011 година.


