Четири победи во низа: Македонија брка историски рекорд во Ереван

Репрезентацијата на Македонија утре ќе и гостува на Ерменија во 4. коло од Лигата на нации, што ќе биде одлична можност за избраниците на Игор Ангеловски да го запечатат првото место во групата.

Серијата без пораз трае цели десет меча, а од оваа генерација предводена од Горан Пандев, Енис Барди, Езџан Алиоски и останатите се очекува да го донесат долгоочекуваниот пласман на едно големо натпреварување. Доколку формата остане на ова ниво, несомнено е дека резултатите ќе бидат задоволителни, а патот до зацртаната цел полесен.

Од 13 октомври 1993 година, кога се „роди“ фудбалската репрезентација на Македонија, па до денес, ниту една генерација не успеала во обидот да стигне до четири победи во низа на официјални натпревари. Таква можност ќе имаат нашите репрезентативци на гостувањето во ерменскиот главен град, каде ќе се обидат да испишат историја во нашиот национален фудбал.

На двапати, Македонија имаше три успеси во низа, еднаш во 2006 и вториот пат четири години подоцна. Првиот пат на патот до четвртиот триумф застана големата Англија, a Малта не изненади во пријателски меч пред осум години и не ни дозволи да ја продолжиме победничката серија.

Во досегашните настапи во Лигата на нации, македонската селекција ги надигра Лихтенштајн и Ерменија на домашен и Гибралтар на гостински терен. Да се надеваме дека победата нема да изостане и на утрешното гостување во Ереван...