• Саше Љолес

Екипата на Шкендија извојува победа со конечни 4-1 (0-0) над Брегалница Штип во натпреварот од третото коло на Првата македонска фудбалска лига. За тетовскиот прволигаш ова е трет триумф од исто толку мечеви во новата сезона.
Првото полувреме беше прилично содржајно со шанси, а повеќе пати се закани домашната екипа. Тамба беше во центарот на вниманието, се закани уште во четвртата минута, но имаше и уште две прилики во продолжение. Гостите од Штип најпрво се ориентираа на противнападите, но не прикажаа конкретна офанзива во воведниот период.
- Шкендија - Брегалница Штип 4-1:
Шкендија се обидуваше трпеливо да дојде до конкретни шанси, тоа ѝ успеа уште во неколку наврати, но ударите на Тамба, Красниќи и Ибраими останаа без реализација. Брегалница во 41. минута првпат посериозно се закани преку Калпачки, а веднаш потоа на спротивната страна уште еднаш биеше Красниќи. Голманите на двете екипи беа на висина на задачата, особено гостинскиот чувар на мрежата, Јашар, па така резултатот на паузата остана почетниот (0-0).
Шкендија тргна силовито и на стартот од второто полувреме, покажа конкретна желба за голови и тоа вроди со плод во 61. минута, кога дефанзивецот Александер Трумчи погоди за 1-0, носејќи радост на домашната клупа. Само пет минути подоцна, тетовчани ја удвоија предноста. Одлично се снајде Красниќи, кој го совлада Јашар и донесе прилично сигурна позитива за вицешампионот на Македонија.
Брегалница во следниот напад доби пенал, но по проверка на ВАР-снимката, судијата Илијоски ја промени одлуката. Во периодот околу 70. минута се чинеше дека Шкендија има контрола врз настаните на теренот. Во продолжение Шкендија сакаше рутински да го затвори мечот, но Брегалница успеа да внесе драма во финишот, откако прекрасен гол постигна Мартин Стојанов, оставајќи го Рамани немоќен меѓу стативите. Штипјани намалија на 2-1 во 86. минута, се обидоа да дојдат и до израмнување со поголема офанзива во завршниот период, но оставаа голема празнина во одбраната, која лесно ја искористи Ндзенгуе, кој доби добра топка, го мина Јашар биеше за 3-1 во 91. минута од натпреварот.
Победата потоа беше потврдена со пенал во 94. минута, а прецизен реализатор беше Зејнулаи (4-1). Шкендија стигна до третата победа од три меча, додека Брегалница остана на три освоени бодови.
Прва фудбалска лига 2026/27
Трето коло:
Шкендија - Брегалница Штип 4-1 (0-0)
Стрелци: 61' Трумчи, 66' Красниќи, 91' Ндзенгуе, 94' Зејнулаи (Шкендија), 86' Стојанов (Брегалница)
Терен на Фудбалската федерација на Македонија, Скопје
Главен судија: Влатко Илиоски
Асистенти: Борис Трајков, Дино Конески, Марјан Дејаноски
ВАР-асистент: Ненад Крстевски
Жолти картони: Хаџи-Кимов, Глигоров, Темелков (Брегалница)
Црвени картони: нема
Шкендија:
Рамани, Трумчи, Ислами, Ибраими (К) (од 77м. Ндезенге), Рафа (од 41м. Рамадани), Красниќи, Криезиу (од 77м. Иса), Зејнулаи, Димоски, Тамба (од 72м. Крстевски), Абдурахмани (од 77м. Мурати)
Тренер: Артим Положани
Брегалница Штип:
Јашар, Ангелов, Темелков, Стојанов, Максимов (од 90м. Михолов), Калпачки (од 84м. Тасев), Глигоров (од 64м. Лемос), Хаџи-Кимов, Рајков (К), Алексовски, Стојкоски
Тренер: Никола Кузманов
Играч на натпреварот: Фабрис Тамба (Шкендија)
Шкендија во следното коло ќе одигра дерби против Струга Трим Лум на домашен терен, а екипата на Брегалница пред своите гледачи ќе има шанса за нови бодови на дуелот со Башкими.





